Со добриот впечаток што го креираа на дебитантскиот настап на ЦЕВ Европското првенство во септември, македонските одбојкари поттикнаа позитивни случувања во сите аспекти во одбојката кај нас.

По семинарот за судии во соработка со ЦЕВ, Одбојкарската федерација на Македонија и Македонскиот олимписки комитет го организираа ФИВБ курсот за тренери од нивото 1.

Реномираниот тренер Филип Блан од саботата до денеска им пренесе искуства на 38 тренери, меѓу нив и на петмина странци кои од Скопје заминаа побогати за многу информации од различни аспекти поврзани со одбојкарската игра.

„Секогаш е полесно да бидете играч отколку тренер. Во современата одбојка тренерите се соочуваат со многу предизвици. Најважно за нив е да собираат информации, да ја анализираат и да ја сфатат секоја ситуација, да ги решаваат проблемите и да ги коригираат играчите. Не само за моите помлади колеги, туку и за мене ова беше пријатно искуство затоа што првпат предавав на курс од нивото 1“, рече господинот Блан.

Блан  во тридецениската тренерска кариера ја предводеше француската репрезентација, а како асиситент на Стефан Антига со Полска во 2014 го освои златниот медал на ФИВБ Светскиот куп. Блан сега е асиситент тренер на јапонскиот национален тим со којшто ќе учествува на Олимписките игри во Токио наредната година.

Во четиридневната работа во Скопје, Блан предаваше на различни теми: да се биде тренер, презентација на вежби и корекција, техника и подготовка на вежби, блок, одбрана и систем, како и за ментална мотивација, а одржа и две практични сесии со демонстрации на техники на загревање, сервис, додавање, одбрана, блок и на транзиција.