Македонската репрезентација се искачи две позиции на најновата ранг-листа на Европската одбојкарска конфедерација и сега е на 21-то место. Одличниот настап на неодамна одржаното Европско првенство (ЕП) на Македонија ѝ донесе 68 бода и сега има вкупно 152. На листата Македонија ги престигна Шведска и Белорусија.

На врвот сега Србија е осамен лидер со 292 бода, а потоа следуваат Русија, Полска и Франција.
Во рангирањето предвид се земени поените освоени на европските првенства годинава и во 2017 година, на Светското првенство во 2018 година, вклучувајќи го и целиот квалификациски циклус, како и на Светската и на Европската лига од 2017 година. Македонија има 68 бода од ЕП 2019, 56 од ЕП 2017 и 28 бода од Европската лига во 2017 година.

На листата има вкупно 44 репрезентации од Европа, а ЦЕВ објави дека според оваа листа ќе се организираат квалификациите за пласман на игрите во Токио следната година.