Македонската одбојкарска репрезентација по еден ден за домор им се врати на вообичаените тренинг-обврски пред настапот на традиционалниот турнир „Бранко Хаџииљоски- Чајка“. Со ова нашата репрезентација ќе влезе во завршниот дел од подготовките за настап на ЕП во септември.

Селекторот Матијашевиќ во изјава за официјалниот сајт на ОФМ потврди дека не е задоволен од прикажаното на одбојкарите во контролниот двомеч со Шведска.

Не сум задоволен со квалитетот на играта против Шведска. Имавме лош прием, тие доминираа во сервисот и тоа не смее да ни се случува. Наш најсилен елемент е нападот, а доколку немаме добар прием не можеме да организираме напад, немаме прво темпо, едноставно не можеме да играме. Јас дури мислев дека ќе биде полошо на вториот натпревар со оглед на отсуството на капитенот, но блокот беше подобар, па бевме рамноправни“изјави селекторот Никола Матијашевиќ.

Селекторот потврди дека се е во ред со капитенот Никола Ѓорѓиев додека Дарко Ангеловски сеуште има стомачен вирус.

До почетокот на ЕП има уште 15 дена. Во петок и во сабота во СРЦ „Кале“ ќе се игра контролниот турнир „Бранко Хаџииљоски- Чајка“ на кој учество ќе земат и селекциите на Бугарија, Украина и на Белгија.