Македонската одбојкарска репрезентација од утре до сабота ќе одигра четири квалификациски натпревари за пласман на следното Европско првенство.

Квалификацискиот турнир се игра во Скопје, утре прв тест за избраниците на Матијашевиќ е дуелот со Босна и Херцеговина, второто соочување со нив е закажано за в четврток. Против Турција, црвено-жолтите ќе играат во среда и во сабота.

„Наша предност евидентно е што Федерацијата успеа да изменаџира да ги добие двата турнира овде, што зборува за нејзината способност, а нам ни дава уште поголема шанса. Проблем е што нема да има публика, па таа предност на домашен терен нема да биде толку голема, но сепак постои и јас верувам дека повторно ќе играме на европско првенство. „Се разбира дека сите сакаме да бидеме први, односно да ја победиме Турција еднаш, ако може и двапати. Тие имаат предност на позиции кај двајца или тројца одбојкари коишто се искусни и долго време играат на европските првенства. Да не влегувам во детали, тие на некој начин ни се должни од Љубљана. Според мене, главна и основна задача е да се квалификуваме, дали како први или како втори, не е толку важно. Би било идеално да сме први и на 16-ти навечер по натпреварот со Турција, да знаеме дека сме квалификувани, да можеме да планираме, да се организираме, а не да чекаме“– изјави Матијашевиќ.

Според пропозициите во квалификациите, пласман на ЕП носат првите места во квалификациски групи како и петте најдобро второласирани од седумте групи.