Македонската одбојкарска репрезентација деби настапот во Европската златна лига ќе го започнат со натпревар на домашен терен против Чешка.

По денешната ждрепка на на која нашата репрезентација беше извлечена во групата Ц заедно со Чешка, Турција и Португалија познат е и распоредот на натпревари.

Распоред на натпревари: 

1.коло – 23/24.5.2020: Македонија – Чешка
2.коло – 27.05.2020: Турција – Македонија
3.коло – 30/31.05.2020: Португалија – Македонија
4.коло – 06/07.06.2020 Македонија – Португалија
5.коло – 10.06.2020 Македонија – Турција
6.коло – 13/14.06 2020 Чешка – Македонија

За пласман на завршниот турнир потребен ни е пласман на првото место во групата.

„Ова е тешка група, но на ова ниво лесна воопшто нема. Ние сме во кремот на одбојката и тоа е местото каде што заслужуваме да бидеме. Добро е во првиот натпревар ќе бидеме домаќини, ако успееме да победиме, тоа би бил одличен почеток. Секако дека ние не сме фаворити за влез на завршниот турнир, сепак ова не е како во сребрената лига, но имаме екипа којашто што може да направи нова историја доколку сме здрави сите. Португалија е домаќин на Челенџер купот, па прочитав дека селекторот ќе ја искористи Европската златна лига за да ги провери сите играчи, мојот техничар во Фридрихсхафен е капитен на Чешка, па ќе се обидам да соберам некоја информација и од него, а Турците ги знаеме и се надевам дека ќе им се реваншираме за поразот на ЕП. Мојот сон е три победи дома и една или две на гости, а тоа значи пласман на завршниот турнир. Само да сме здрави.”– изјави капитенот Никола Ѓорѓиев за официјалниот сајт на ОФМ.

Завршниот турнир во Европската златна лига ќе се игра на 20 и 21 јуни во Белгија. Финалистите на завршниот турнир ќе обезбедат пласман на ФИВБ Челенџер купот а со тоа ќе добија можност да се борат за учество во Лигата на нации во 2021 година.