Македонската одбојкарска репрезентација со полн состав ќе отпатува во Софија за контролниот двомеч со Бугарија со што ќе продолжат подготовките за настапот во евроквалификациите.

Добра вест е пристигнувањето на Филип Деспотовски кој од денеска тренира со останатите репрезентативци а во меѓувреме и Филип Маџунков ја санираше повредата и ќе настапи во Бугарија.

„Квалификациите за континенталниот самит во 2021 се од 11-ти до 16-ти во арената „Бприс Трајковски“ во Скопје, а за сигурен влез во елитното друштво нам ни е потребно првото место во конкуренција на Турција и на Босна и Херцеговина. Реална можност постои и со второто место, но со што повеќе победи и бодови на наша страна. Без разлика што е 14-та светска сила според рангирањето на ФИВБ, Бугарија исто така ќе игра квалификации, а нејзини противници се Австрија и Израел. Доколку Бугарите ја потврдат фаворитската улога на турнирот во Израел, тогаш може да се очекува дека второпласиранатаселекција од нивната група нема да има подобар вкупен биланс од нас доколку завршиме втори, а тоа значи дека во таков случај вратата за собирот во септември ќе ни биде отворена уште повеќе.“ – соопштија од ОФМ.