Селекторот Никола Матијашевиќ ги одреди одбојкарите кои ќе патуваат во Љубљана и ќе го носат дресот на нашата репрезентација на Европското првенство.

Очекувано, Лука Костиќ и Марко Јуниор Стошиќ нема да бидат меѓу 14- те играчи кои од 12-ти до 17-ти овој месец во арената „Стожице“ ќе играат во групата „Ц“ со Финска, Турција, Русија, со Белорусија и со Словенија.

Капитенот Никола Ѓорѓиев смета дека ако играме како против Бугарија ќе можеме да дојдеме до добри резултати на Европското првенство.

„Со изданието против Бугарија, играчите ме убедија дека можеме да играме на Европското првенство, а пред тоа, искрено, не верував дека ќе биде добро. Но доколку играме како со Бугарите, Финска сигурно ќе падне! Игравме зрело, не правевме глупави грешки, со Бугарија ниту една топка не падна на терен, постојано ја допиравме, се боревме. Ги поправивме ситните работи во споредба со пријателските со Шведска, лошо кренати топки, лоша втора топка, лоша комуникација во игра. Она што ме загрижува е здравјето. Но ако сме здрави, мислам дека ќе ја победиме Финска“ – изјави капитенот Никола Ѓорѓиев.

Македонските одбојкари уште овие два дена ќе тренираат во Скопје, а потоа ќе отпатуваат за Сент Полтен каде што в петок и сабота ќе одиграат два контролни меча со Австрија.