На 63-годишна возраст, денеска ненадејно почина Трајче Тасевски, одбојкар на векот на Штип, познат спортски работник, тренер, професор по физичко воспитување, легенда на штипскиот спорт.

Ќе остане запаметен по одличните игри за екипата на Младост каде што настапуваше од 1973-тата до 1994-тата година. За своите игри беше прогласен за одбојкар на векот во градот во анкетата на Радио Штип.

Со екипата на Младост учествуваше во Европскиот куп на ЦЕВ, во перидот од 1980-тата до 1983-тата настапуваше во Првата Бе одбојкарска лига на СФРЈ, донесе многу титули на машката и на женската екипа.

Како тренер работеше посветено и систематски, па неколку негови екипи во пионерска, во кадетска и во младинска конкуренција беа најдобри во натпреварувањата во Македонија.

Трајче Тасевски беше и претседател на Здружението на педагози на Штип. Со неговата одбојкарска и спортска активност остави траен печат во неговиот град и во целата држава.