Поранешниот репрезентатативец на Македонија, сега дел од Европста одбојкарска федерација во секторот зa развој на во младински категории, Вук Карановиќ за читателите на Дриблинг.мк се обиде да ја појасни сликата со овој спорт и промените кои го очекуваат поради кризата со коронавирусот во светот.

Карановиќ уверува дека Ковид-19 нема да донесе сериозни проблеми за големите организации и клубови но секако ќе влијае по развојот на одбојката во целина.

„Врз ЦЕВ како организација финансискиот импакт нема да биде голем, поради фатот што двата договори што се потпишани за продажба на ТВ правата со „Инфронт“ и „ИМГ“ почнуваат од следната натпреварувачка сезона а до тогаш ситуацијата ќе биде под контрола. Ова е една уникатна позиција која произлезе од големата трагедија која што му се случува на човешството во моментов а на нас како спортска организација ни дава можност поради намалениот интензитет на работа да се посветиме на некој теми за кои што можеби не сме обрнувале доволно внимание од икс причини.“ – вели Карановиќ

Тој смета дека сериозните организации ќе ја капитализираат состојбата настаната од кризата во нивна полза, по завршувањето на целата криза.

„Од аспект на клубовите, сигурно ќе се соочуваат со тешка ситуација и веројатно многу од нив нема да преживеат на пазарот. Но, нивното место ќе го заземат други организации. Светот на одбојката е многу динамичен и тоа ќе допринесе кризата да се надмине. Никој не може да замисли да гледа Премиер лига без Манчестер Јунајтед и Ливерпул но многу мал број на луѓе ќе приметат дека можеби „Сир Сатефи Конад Перуџа“ догодина ќе има друго име или воопшто нема да се натпреварува. Истото важи и за кошарката и за ракометот.“ – тврди Карановиќ.

Карановиќ уверува дека за да ги увидиме реалните последици ќе мора да сочекаме да заврши кризата со Ковид-19, а воедно не очекува нова економска криза.

„Сигурно ќе има големи последици. Ќе треба да бидеме многу упорни и креативни за спортот да се справи со целата ситуација. Не треба да се бараат брзи решенија, во оваа ситуација треба да ги следиме препораките од Светската здравствена организација. Видовме каква катастрофа произлезе со инсистирањето да се игра фудбалскиот натпревар меѓу Валенсија и Аталанта.“ – објаснува нашиот поранешен репрезентативец.

За одбојката како спорт во подем во Македонија, може ли да се подигне нивото по последниот пласман на ЕП ?

„Одбојката бележи значителен пораст во последните неколку години. Нормално, генератор на тој тренд е успехот на нашата машка репрезентација.  Првенството ни станува интересно. Квалитетни играчи доаѓаат во лигата. ОФМ во соработка со МРТВ успеа да обезбеди ТВ преноси. Ова е голем исчекор. Во моментов сите спортови зависат од државата но таа сега има други приоритети. Очекувам најмногу да страдаат спортот и културата.“ – објаснува Карановиќ.

Неговата завршна порака е: „Тешки времиња му следуваат на спортот во Македонија, не само на одбојката, но ако некој има кондиција да се справува со тешки ситуации тоа е ОФМ, така да сигурен сум дека ќе излезат на крај и со оваа ситуација.“

Дамјан Николовски