Интернет петицијата  во Јапонија со која се бара откажување на Олимписките игри во Токио, собра повеќе од 200.000 потписи на граѓани во изминатите неколку дена, бидејќи јавната загриженост расте поради одржувањето на Игрите за време на пандемијата, објави денес Ројтерс .
Игрите, кои беа одложени поради пандемијата минатата година, започнуваат за помалку од три месеци, а потписниците на петицијата прашуваат како Токио може да одржи глобален настан и да ги заштити волонтерите, спортистите, официјалните лица и јапонската јавност од КОВИД-19.

„Апсурдно е Олимписките игри да се одржат“, рече Кацуми Абико, сопственик на јапонска продавница за кимоно.

„Ако донесеме одлука да ја откажеме сега, Јапонија ќе биде пофалена што донела правилна одлука и историјата ќе ја запомни“, рече таа.

Анкетите на јавното мислење во Јапонија утврдија дека поголемиот дел од јавноста се противи на Игрите, кои треба да бидат отворени на 23 јули.

Соочени со четвртиот бран на пандемија, борејќи се со бавната стапка на вакцинација, жителите на Токио беа скептични дали треба да се одржат Олимписките игри.

„Силно повикуваме на спречување на ширење на коронавирусот и заштита на животот и егзистенцијата со користење на расположивите ресурси за запирање на Олимписките игри“, напиша Кенџи Укуномија, организатор на петицијата за Интернет на својата веб-страница.

Укуномија е адвокат кој неколку пати се кандидираше за гувернер на Токио.

Фајзер и Бионтек одлучија да донираат вакцини на спортисти кои ќе учествуваат на Игрите во Токио.