Свеченото отворање на Летните олимписки игри 2020 ќе се одржи денеска со почеток во 13 часот по македонско време на „Националниот стадион“ во Токио.

Церемонијата на стадионот изграден во 2019 година специјално за Игрите ќе се одржи без гледачи. На трибините ќе има само 950 службени лица: дипломати, спонзори и претставници на Меѓународниот олимписки комитет (МОК). Најавено е и присуство на 15 шефови на држави и меѓународни организации.

Од репрезентациите Грција ќе влезе прва во арената, а Јапонија последна.

Македонската експедиција ќе има осум натпреварувачи:
Знаменосецот Дејан Георгиевски, кој ќе настапи во таеквондо – категоријата +80 килограми
Арбреша Реџепи – џудо категорија 52 килограми
Миа Блажевска Еминова – пливање, на трката на 100 метри
Филип Деркоски – пливање, 400 метри
Борјан Бранковски – спортско стрелаштво 10 метри
Јованоска Пулексенија – карате, кати
Стојоски Јован – атлетика, трка на 400 метри
Нуров Магомедгаджи – борење слободен стил, 97 килограми.

На Олимпијадата која ќе трае до 8 август се очекува да учествуваат приближно 12.500.

Игрите во јапонската престолнина требаше да се одржат минатата година, но пандемијата ги одложи 12 месеци. Сепак, проблемот со коронавирусот не е целосно надминат. Напротив, ситуацијата во Токио, од ден на ден се влошува. Северна Кореја и Гвинеја, веќе донесоа одлука да се повлечат од Игрите, а повеќе врвни спортски работници, како и луѓе од организацијата се скептични дека во услови на пандемија, најголемиот спортски светски настан може да помине без проблеми.

Од Меѓународниот олимписки комитет се децидни дека Олимписките игри ќе се одржат според зацртаниот натпреварувачки календар и дека со мерките на претпазливост, спортистите ќе бидат безбедни.