Поранешниот долгогодишен претседател на Олимпискиот комитет на Бразил, Карлос Артур Нузман, е осуден на казна затвор од 30 години и 11 месеци поради корупциски активности при изборот на Рио де Женеиро за домаќин на Олимписките игри во 2016 година.

Нузман (79), кој повеќе од две децении беше на чело на Бразилскиот олимписки комитет, е прогласен за виновен по сите точки од обвинението за корупција, злосторничко здружување, перење пари и даночно затајување.

Во истата постапка на затворски казни се осудени и поранешниот гувернер на Рио де Женеиро, Сержио Кабрал, бизнисменот Артус Соареш и главниот оперативец во Организацискиот комитет за Игрите 2016., Леонардо Грунер.

Истражителите утврдиле дека тројцата, заедно со Нузман, биле здружени во процесот на подмитување на поранешниот претседател на Меѓунардоната атлетска федерација (ИААФ), Сенегалецот Ламин Диак и неговиот син Папа Диак, кои посредувале во купувањето гласови за изборот на Рио за домаќин на Игрите 2016.