Во присуство на претседателот на Грција Прокопис Павлопулос, претседателот на Меѓународниот Олимписки комитет Томас Бах и претседателот на Грчкиот Олимписки комитет Спирос Капралос, но без присуство на публика денеска во античка Олимпија, со помош на сончевите зраци беше запален олимпискиот оган.

Олимпискиот оган преку 31 грчки град, по поминати 3.500 километри, 15 археолошки локалитети, на 19 март, ќе пристигне на Олимпискиот стадион во Атина и ќе им биде предаден на организаторите на Летните олимпискиигри во Токио.

Олимпискиот оган ќе патува на Пелопонез, оттаму преку атинското пристаниште Пиреас ќе стигне на островот Крит, па повторно назад во грчката престолнина за да замине за северна Грција и на крај, по седум дена да се врати во Атина и да преноќи на Акропол пред да им биде  предаден на организаторите.

Грчкиот олимписки комитет на состанокот одржан во понеделникот, „земајќи ги предвид последните одлуки на владата за заштита на јавното здравје“ поради Ковид-19, одлучи церемонијата на палење на олимпискиот оган за Летните олимписки игри, да се одржи без публика, само со 100 поканети претставници од Меѓународниот олимписки комитет и организациониот комитет „Токио 2020“ и со намален број новинари.