Денеска е 2 јули, ден на спортските новинари, во 1924 година на Олимписките игри во Париз, се формираше меѓународната асоцијација на спортски новинари.

Има илјадници спортски борилишта, новинари, медиуми кои градат имиџ, традиција, такви се секако многу низ светот меѓу  водечки се „ L’Equipe “ во Франција, потоа „ La Gazzetta dello Sport“ во Италија,  секако  „BBC“ во Англија и многу  други.

Денот на спортските новинари, е ден кога оваа група на новинари во светот се бори за нови и подобри услови за работа, го истакнува спортот како средство за промовирање на мирот, фер-плејот, спортскиот дух…Светскиот ден на спортските новинари е ден кога тие  му даваат пример на светот за добрите вредности.

Како е во Македонија ? Ако ги прашате колегите, се потешко, се помалку нормален третман во сопствените редакции, телевизии, се помалку се мисли на спортските новинари, тие можат да се „прекомандуваат“ од една во друга редакција, стануваат неважни, со мали плати и никакви услови, посебна приказна се новинарите во телевизиите, радијата, се помалку на македонски јазик, коментаторството замира…

Македонија е единствената држава во Европа која според актуелната законска регулатива се самоцензурира, имаме неверојатно влијание на странски спортски канали, специјализирани со илјадници преноси на Српски, Хрватски, Словенечки  јазик… Тие не се виновни што се тука, напротив, да не беа  немаше ни да гледаме врвни спортски настани, бидејќи на нашите телвизии спортот им е скапа играчка, спортските новинари неважни !

Државата  „нема време“  да се сети да регулира, државата нема време за спортското новинарство, може и вака, кога веќе нема желба за поинаку .

Коментаторството , со чесни исклучоци го има се помалку и помалку на телевизиите, нема нови генерации на коментатори, немаат ни каде да работат , со тоа не може да се создаваат нови спортски коментаторски имиња, сега ни се важни само странските, и да,  и политиката…

Можеби еден ден, ако се „сетиме“ да го „кренеме“ гласот, ние спортските новинари преку двете здруженија ќе дојдеме до подобар третман „дома“ во своите редакци, телевизии, весници, секако , чест на исклучоци, но вака со молчење ситуацијата ќе станува се потешка и потешка, до кога ?

ДА ЖИВЕЕ  2. ЈУЛИ , ДЕНОТ НА СПОРТСКОТО НОВИНАРСТВО !