Македонската карате репрезентација на вчерашниот прв ден од Европските универзитетски игри во боречки спортови освои еден бронзен медал и обезбеди две финалиња, во најмала рака барем уште два сребрени медали.

Бронзениот медал го освои женскиот кумите тим во состав Симона Заборска, Ангела Мојсовска, Моника Пендаровска и Сара Радичевска.

Македонија имала одличен настап и во полуфиналето, но поради пристраноста на судиите нашиот тим мораше да се задоволи со борба за третото место.

Сепак во поединечна конкуренција фантастичен настап имаше Сара Радичевска, која ќе се бори за златото во категоријата до 50 килограми.

Таа има три убедливи победи без загубен поен. Во финалето ќе се бори против Јелена Пехар од Хрватска.

Денеска шанса за уште едно злато има и машкиот кумите тим, кој ќе се бори во финалето против Украина. Оваа репрезентација ја сочинуваат Петар Заборски, Петар Спасеновски, Давид Петков, Роберто Ацковски и Горан Николовски. Нашиот тим вчера ги совлада Романија, Турција и Словачка во полуфиналето.