Откако министерот за здравство, Венко Филипче побара, Владата на Република Северна Македонија на денешната седница им препорача на организаторите на спортските настани до 6 март, да не ги одложуваат мечевите но тие да се играат без публика.

„Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6. март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации. Владата на Северна Македонија на денешната седница препорача сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести“ – информираат од Владата на МКД.

Ова значи дека Вардар ќе го дочека Менпелје во празна сала, дербито меѓу Вардар и Работнички во ПМФЛ ќе се игра пред празни трибини како и кошаркарското дерби меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички нема да има публика.