По најавата дека спортските обложувалници од 7 април до 20 април нема да работат, од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија посочуваат дека, станува збор за недоразбирање по информацијата од соопштена денеска на владината пресконференција по однос на промената на мерките за заштита од Ковид-19.

„Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија информира дека согласно одлуката на Владата донесена на 05.04.2021 година на 63-та седница, во перидот од 7 до 20 април уплатно-исплатните места односно деловните објекти на спортските обложувалници ќе работат само преку шалтерски систем. Поконкретно, со одлуката на Владата приемот на посетителите и работата на спортските обложувалници ќе биде исклучиво преку вршење на шалтерска услуга, а согласно истата, делот за угостителски услуги, шанковите во спортските обложувалници воопшто нема да работат. Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија ја следи состојбата со коронавирусот и целосно ги почитува протоколите за работа, како и одлуките на Владата за превенција од понатамошно ширење на вирусот. Асоцијацијата апелира до своите играчи во целост да се придржуваат до мерките за заштита од ковид-19.“ – велат од АСОМ.