Тогаш Царево Село, денеска Делчево, е местото каде што пред 100 години било формирано првото спортско друштво „Соколи“. Професорот Љупчо Прачкоски, кој подготвува книга за Делчево во која меѓу другото значајно место зазема и формирањето на соколското друштво, вели дека првото спортско друштво е формирано во 1920 година во услови кога во тогашно Царево Село имало многу малку услови за развој на спортот во градот.

„По завршувањето на Првата светска војна, Делчево или тогашно Царево било во многу незавидна ситуација. Новите власти барале од народот да го променат начинот на живеење, со тоа што во тогашно Царево Село имало малку услови за спорт и рекреација, но сепак благодарение на младите и амбициозни луѓе кои следејќи ја состојбата во тогашна Европа во 1920 година решаваат да го формираат првото спортско здружение во градот. Друштвото се состоело од 16 члена млади луѓе кои го формирале гимнастичкото спортско друштво „Соколи“. Соколите биле исти оние млади луѓе кои ги имало насекаде во Европа, а формирањето на соколските групи било да се задржи славјанството во славјанските држави.“– вели Прачковски.

Живеејќи како дел од тогашното Кралство Југославија, како што додава професорот, тогашниот систем барал сеславјанството како такво да опстане на балканските простори, но главната цел била младите да се рекреираат и да спортуваат.

„Друштвото полека ќе се оформи брзо и голем број млади луѓе ќе спортуваат во регионот на тогашно Делчево-Царево Село, така што во скоро време овие млади луѓе ќе станат и први амбасадори на градот, патувајќи низ тогашна цела Вардарска Бановина каде биле формирани соколски групи и понатаму во Кралство Југославија. Тие оделе на натпревари во други држави како Чешка, Словачка, Полска, во Унгарија, тогашна Австро-Унгарија. Благодарение на нивната афирмација спортот меѓу младите луѓе многу рано ќе се развие.“– додава Прачкоски.

Поради големиот интерес за учество во спортското друштво, тогашните власти во 1920 година, како што дообјаснува Прачкоски, ќе ја изградат и првата спортска сала во Делчево.

„Првата спортска сала ги имала сите потребни димензии за спортување во тогашно време, била долга 33 метри, широка 18 метри со 450 квадратни метри површина. Во неа вежбале многу млади на справите кои во тој временски период биле донесени од Љубљана. Предводник на групата во тогашно време бил Илија Илиев Такев со своите први соколи кои учествувале на меѓународни натпревари. Тука ќе ги кажам Илија Такев, Ѓорѓи Христов, Ѓорѓи Мавродиев, Ѓорѓи Златков, Ѓорѓи Симеонов, тој бил и знаменосец на самите соколи. Значи, благодарејќи на овие млади и амбициозни млади луѓе, Делчево многу брзо ќе биде запознаено не само во Вардарска Бановина, туку и на Балканот и во тогашна Европа.“– дециден е Прачкоски.

Поради ова, како што додава професорот, сите треба со посебен пиетет да се сеќаваат на овие луѓе, коишто првпат имале можност да го афирмираат своето гратче надвор од својата територија.

Сознанијата за значајни историски факти за Делчево го предизвикаа професорот Прачкоски, кој е и поранешен градоначалник, да направи и серија интервјуа со поранешни вработени во делчевската гимназија „Методи Митевски-Брицо“ со која раководи, а која наредната година одбележува 60 години од своето постоење.

„Полека и постепено сакаме да направиме емисија во која ќе учествуваат сите оние наставници и професори кои дале придонес за развој на гимназијата од 1961 година до наредната 2021 година, кога ќе се слават 60 години од формирањето. Почнавме со оние професори и раководители кои првпат биле наставници во гимназијата, кои се уште живи со тоа што работиме на материјалите на оние први наши учители, кои од тој временски период почнале да ги воспитуваат нашите средношколци. Ќе ги опфатиме и првите генерации од тоа време и поширок преглед на состојбата на нашата гимназија од 1961 до 2021 година.“– вели Прачкоски.

Ова, како што додава тој, е аманет на генерациите кои оставиле големи траги во работењето на гимназијата, а кои успеале да продуцираат кадри кои надалеку се успешни во своите професии.

„Голем број од тие млади кои завршиле во гимназијата се многу амбициозни луѓе, нè претставуваат и нè претставувале секаде низ светот. Од неа произлегле многу учени луѓе, политичари, економисти, доктори на науки, научници. Сите тие ќе дадат свој придонес за уште повеќе да ја афирмираме гимназијата по повод 60 години од своето формирање.“- вели Прачкоски.

Токму сите овие податоци за функционирањето на градот во сите сфери на општественото живеење Прачкоски наскоро ќе ги преточи во книга за Делчево во која ќе може да се најдат најзначајните моменти од постоењето на градот по Првата светска војна и по завршувањето на Втората светска војна.

„Книгата е готова, само треба да се завршат некои ситни детали. Знаете дека се направени шест емисии за животот во Делчево од 1920 до 1960 година, во која е опфатен еден период за растот на градот Делчево. Во тој временски период имаме и доста голем број живи сведоци, коишто, за жал, последните години ги нема. Ние работевме на тој проект 10 – 12 години. Беше многу макотрпно да се соберат податоци на луѓе кои имале и по 100 години и кои раскажуваа за сето тоа што се случувало во тој период. Сето тоа ќе остане и е пренесно во книгата да ја паметат генерациите, за да знаат како ова мало гратче постанало современо гратче и како се развивало во периодот по Првата светска војна и по завршувањето на Втората светска војна.“– додаде Прачкоски.

Делчевскиот професор довршувајки го разговорот за 100-годишнината од формирањето на „Соколи“ во Делчево упати отворена покана заеднички да ја проследиме промоцијата на неговата книга во која можат да се најдат многу повеќе податоци за постоењето на спортското друштво, кое придонело за голем развој на спортот во тогашното Царево Село.

Валери Спасевски, Делчево (МИА)

ФОТО: МИА