Здружението на информатичко-комуникациски технологии едногласно одлучи да го прекине реемитувањето на домашните и странски ТВ канали. Во ова здружение се сите оператори од Македонија. Најавено е дека ќе го пренесуваат само јавниот сервис, МТВ 1, МТВ 2 и Собранискиот канал.

Оваа одлука доаѓа по измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги кои беа донесени од Собранието на 16 февруари по скратена постапка. Законските измени им наложуваат на операторите да гарантираат за авторските права на програмите кои ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност.

Ова значи дека сите љубители на спортот нема да имаат можност да ги гледаат специјализираните спортски канали, Спорт Клуб и Арена Спорт како и Еуроспорт. Останува опцијата „IP TV“( или барањето интернет стримови преку различни пиратски платформи)

„Спорт Клуб“ и „Арена Спорт“ ги имаат регулирано ТВ правата но останува нејасно, ако одлуката на Здружението на информатички-комуникациски технологии донесена денеска, важи за сите, како што е најавено тогаш можно е во ист кош да се најдат и спортските тв канали.

„Причината за ваквиот чекор се законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност. Ваквата обврска дефинирана со Законот е спротивна на ЕУ-Директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава. Истовремено, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Здружението на информатичко-комуникациски технологии поднесе барање до Уставниот суд за донесување на времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност“ – се вели меѓу другото во соопштението на Здружението на информатичко-комуникациски технологии.

 

Јавниот сервис во моментов пренесува домашна кошарка, домашен фудбал и одбојка. По еден натпревар во викенд од Лига 1 (Франција) и по еден натпревар од Серија А (Италија) како и НБА и НХЛ.

Од Здружението на информатички-комуникациски технологии најавија дека одлуката за прекин на реемитувањето на каналите ќе биде на сила се додека не се најде решение прифатливо за сите засегнати страни. Најверојатно, кабловските оператори нема да ги наплаќаат услугите додека трае најавениот „мрак“.