Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македнија, АСОМ реагираше по однос на највите за измена и дополнување на Законот за игрите на среќа и забавни игри.

Од АСОМ тврдат дека со најавените измени, 98% од спортските обложувалници ќе бидат затворени а корисниците на овие услуги ќе бараат нелегални и алтернативни начини за обложување.

„Ставот на АСОМ по однос на измените за одалечување на деловните објекти е целосно неприфатлив и на истиот силно се спротивставуваме. Растојанието од 500 м оддалеченост  на нашите деловни објекти од училишта и високообразовни институции, според анализите кои ги направивме, значи затворање на 98% од уплатно-исплатните места, односно гасење на цела индустриска гранка. Со ова, директно се загрозува егзистенцијата на речиси 8.000 семејства, односно 8.000 вработени во индустријата на игрите на среќа кои преку ноќ ќе ја изгубат работата. Негативни последици ќе има и врз повеќе од 50.000 работни места во други стопански гранки, кои индиректно зависат од нашата работа.“– изјавува Васко Илијевски, претседател на АСОМ.

Од АСОМ посочуваат дека ова не е Европски закон и ќе предизвика нов економски шок за околу 8000 семејства. Воедно најавија дека барале состанок со владини претставници за да се најде заедни прифатливо решение но тоа не се случило.

„Ние како Асоцијација, во изминатите месеци делувавме конструктивно и доставивме предлози за унапредување на сите аспекти од работењето на индустријата кои се во интерес на сите чинители. Неколкупати побаравме средба во Владата и Министерството за финансии да ги образложиме истите, но не добивме одговор. Нашите предлози беа токму во делот на покачување на приходите на државата од игрите на среќа преку ефикасни европски модели на оданочување, поголема безбедност за играчите, едукација, како и трикратно повисоки казни за приредувачите кои ќе ги прекршат законите. За жал, ништо од тоа досега не е прифатено.“- истакнува Илијевски.