Сао Пауло оваа година е домаќин на 5th World Deaf Swimming Championships. Ова СП ќе се одржи од 25 до 31 август во параолимпискиот центар ( Centro Paraolímpico Brasileiro).

На планетарниот собир во земјата на кафето учество ќе земат пливачи од 29 држави. Наш претставник на овој светски собир е Андреј Стојаноски.

Тој за трет пат во кариерата ќе учествува на Светско првенство во пливање за глуви.

„На претходните СП имав пласман во финалните трки во повеќе дисциплини, а на Светско првенство што се одржа во Сан Антонио,Тексас освоив сребрен медал во дисциплината 1500м слободно што за мене е најголем успех . “ – изјави за Дриблинг.мк, Андреј Стојаноски.

Стојаноски на СП во Бразил утре ќе настапи во две квалификациски трки, а потоа го очекуваат нови четири предизвици во различни дисциплини.

„На ова светско првенство ќе настапам во 6 дисциплини и се надевам на исто толку пласмани во финалните трки. Потајно се надевам на нешто повеќе од пласман во финале, но тоа секако ќе зависи од конкуренцијата. Веќе од утре почнувам со квалификациски трки и тоа во дисциплините 200м слободно и 400м мешано. Во вторник настапувам во дисциплината 800м слободно, четврток 400м слободно, петок 200м мешано и во сабота 1500м слободно. “–  вели за Дриблинг.мк, Андреј Стојаноски.

Што се однесува до очекувања од овој настап на СП во Бразил, Стојаноски признава дека набиениот распоред е предизвик плус, но со помош на неговиот тренер може да дојде до успешни резултати.

„Ќе биде малку напорно, но се чувствувам добро подготвен да ги издржам како и квалификациските трки каде ќе се борам за пласман во финалињата така и финалните трки за што подобар пласман. Секако голема поддршка имам од мојот тренер Методија Ангелески кој е тука со мене и ги одработуваме последните подготовки пред стартот на трките .“– објаснува за Дриблинг.мк, Андреј Стојаноски.

Македонската јавност е во очекување на настапот на Стојаноски на овој Мундијал, а за резултатите од неговите постигнувања во квалификациите и трките следете на Дриблинг.мк