Престојното лето ќе биде шесто по ред во кое 400 млади ракометари ќе учат од најдобрите во организација на кампот, зад кој стои капитенот на Македонија, Кирил Лазаров.

За дваесет дена од објавата за пријавување, пополнета е квотата од 400 учесници (од 7 до 18 години).

„Интернационалноста оваа година ја даваат учесниците од Шведска, Данска, Холандија, Србија, Босна, Хрватска, Австрија, Романија, Германија, Словенија и Шпанија. Секако најголем број на учесници има од Македонија, што беше и првичната идеја на Лазаров од првиот камп во 2015, да учествуваат само деца од татковината. Но неговата ракометна големина од година во година го зголемува бројот на странските деца и земјите од кои тие доаѓаат. Кампот и оваа година ќе се реализира во две смени, а на него можеа да се пријават деца и младинци на возраст од 7 до 18 години. Првата смена започнува на 19 јуни а завршува на 25 јуни, додека втората смена стартува на 25 јуни а затворањето на кампот е на 1 јули. Како и во изминативе пет години 24 часовното присуство на Лазаров во тие 14 дена е причина плус за големиот интерес да се биде дел од кампот.“ – информираат од школата за ракомет, Кирил Лазаров 7.

Од таму најавуваат дека и оваа година очекуваат забавно лето во кое ракометот ќе биде на прво место.