Вардар со победата над Мотор Запорожје го завери својот пласман во осминафиналето од Лигата на шампиони, а веќе престојниот викенд гостуваат во Португалија кај Порто во претпоследниот меч од групната фаза. Средбата е важна и за двете екипи за избегнување на 6. место на табелата. Порто бара бодови за потврда на осмина-финалето, а Вардар за можност за зацрвстување на ова петто место, па и шанса за место погоре ако се поклопат коцките од другите натпревари.

На првиот дуел сезонава во Скопје во септември „црвено-црните“ славеа со 32-27, а гостите тогаш покажаа дека ќе бидат „тврд орев” за секого во групата. Во однос на тој меч сега во нашиот тим ќе ги нема Кристијан Дисингер, Павел Атман и Даинис Криштопанс. Иван Чупиќ на таа средба постигна седум гола, исто колку и Криштопанс.

„Победата против Мотор во претходното коло ја подигна атмосферата в тимот. Сепак не треба тој резултат да ни дава преголеми оптимистички очекувања. Реално гледаме на ситуацијата. Порто е фаворит сега на дуелот, а ние одиме без притисок и со единствена мисла – да играме, да се натпреваруваме и секако да ги искористиме шансите. Се обидуваме да не мислиме на проблемите, но најголем е тој што немаме довлно играчи за ротација, па ќе мораме да се потпреме на она што го имаме во моментов. Знам дека сите ќе се борат до крај, нема предавање – напротив ќе гледаме да бидеме на ниво со кое ќе можеме да се носиме со домаќинот”, вели Стефче Алушовски, тренерот на Вардар.

Мечот се игра во сабота со почеток од 16 часот.