Ракометарите на Вардар 1961 првиот посериозен тест на стартот од сезоната ќе го имаат на турнирот во Струга, кој воедно претставува и своевидна дополнителна подготовка пред завршницата од СЕХА лигата.

Тренерот на вардарци, Стевче Алушовски со 20 ракометари е во Струга и очекува успешен настап на традиционалниот турнир.

„Презадоволен сум од работната атмосфера. Се работеше најмногу на физичка подготовка, а попладне и на тактика. Ни претстои уште доста за да дојдеме до посакуваното ниво за Лига на шампионите. Струга е прв турнир на кој ќе провериме се што работевме изминатиот период. Тука мислам на она што го вежбавме. Сите играчи ќе добијат шанса. Вардар 1961 како европски првак оди со цел да го освои турнирот во Струга. Не можам да кажам дека резултатот не е важен, но во преден план е формата.“ – вели Алушовски за клупскиот сајт на Варар 1961.

Вардар 1961 на турнирот во Струга е во група со Охрид, Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје. Во воведното коло црвено-црните ќе играат со Охрид во четврток од 21:15 часот.