Еурофарм Работник во недела од 17 часот ќе го пречека Кокс во натпревар од 4 коло од Лигата на шампионите на ЕХФ.

Избраниците на Стевче Алушовски ќе мора да го издржат напорот, да го заборават заморот и да се обидат дојдат до првата победа оваа сезона во ЛШ.

„Уморни сме и повредени, но спремни за тежок дуел со Кокс. Повредени се Маркоски, Стјепановиќ и Јотиќ и без нив ќе биде исклучително тешко да се игра. Но, тоа не значи дека нема да се обидеме да дојдеме до првата историска победа во Лигата на шампионите. Финците се незгоден противник, го изненадија Татран Прешов пред неколку недели. Кокс е екипата која три години игра заедно и не смееме ниту да ги потцениме, ниту да ги прецениме.“ – изјави тренерот на Еурофарм Работник, Стевче Алушовски

Тој смета дека тоа што минтата сезона Кокс успеа да го совлада Флензбург треба да биде предупредување за квалитетот на гостинскиот тим.

„Два тренинзи потрошивме да ги анализираме, а и денес ќе работиме на подготовката на натпреварот. Ако не сме максимално сериозни ќе имаме големи проблеми. Не сакам да звучам песимистички, но претпазлив сум и заради заморот, повредите и патувањата.“– изјави Стевче Алушовски.