Вардар утре против Војводина ги продолжува настапите во СЕХА конкуренцијата, средбата се игра во Скопје од 17-45 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Тренерот Стевче Алушовски смета дека ова ќе биде добар предизвик да се види до каде е екипата, проблем се некомплетните тренинзи, отсуствуваа повеќе играчи поради репрезентативни обврски, но Вардар никогаш не бега од фаворитската улога.

„И натаму сме некомплетни, ракометарите кои имаа репрезентативни обврски се надвор од тимот. Работевме со оние кои беа тука. Војводина е една квалитетна екипа којашто е составена од играчи кои многу трчаат, играат брз и модерен ракомет, со многу транзиција. Вардар секогаш кога игра на победа дома, дали е тоа СЕХА или Лига на шампиони, ние се трудиме да ја прифатиме фаворитската улога. Се надевам дека на натпреварот ќе одиграме коректно, кој ќе биде добра подготовка за она што не очекува во февруари“ – изјави Алушовски.

Вардар против Војводина ќе игра без Патрик Валчак и Иван Чупиќ кои по СП во Египет се вратија дома и на располагање ќе бидат наскоро.