Подготовките на тимот за вториот дел од сезоната минуваат во најдобар ред, а Тинекс Пролет веќе ги одигра и првите две контролни средби на кои забележа две лесни победи. Своето деби на голот на Тинекс Пролет го имаше и долгогодишниот македонски репрезентативец Петар Ангелов, кој пристигна од Германија и ќе биде значаен адут на Тинекс Пролет во борбата за излез во ракометна Европа.

Прв противник на Пролет беше Металург 2, суперлигаш, што рутински беше совладан со 36-22. Младите избраници на тренерот Котевски само десетина минути му парираа на Тинекс Пролет, а потоа тимот на Матлиески целосно ја презеде контролата, ја зголемуваше предноста и на крајот триумфираше со „плус четиринаесет“.

Следен ривал на Тинекс Пролет беше КЛ7, амбициозен состав од Првата лига што беше совладан рутински, со резултат 27-18. Целата работа беше завршена во првото полувреме, што Тинекс Пролет го доби со 15-5, а тренерот Матлиески и на двете средби им даде шанса на сите ракометари да ги покажат своите квалитети.

Тинекс Пролет продолжува со подготовките, а нареден ривал во серијата контролни средби ќе му биде тимот на Металург, меч што е закажан за в среда.