Селекторот на машката ракометна репрезентација, Данило Брестовац на седницата на Управниот одбор зборуваше за настапите на сениорската репрезентација на последните натпревари, а и го објави датумот за стартот на подготовките за ЕП кое ќе се одржи престојниот јануари.

„Победивме во два натпревари кои ни беа многу важни за нашето понатамонашно рангирање, добивме и полесна група на ЕП 2020. Успеавме да победиме во мечевите со Турција и Грција, почнуваме да внесуваме и млади ракометари. Имавме проблеми со Манасков, но тоа беше можност да видиме колку можат Маџовски и Димитриоски. Се појави и Костески, кој потпиша со Загреб, што е потврда дека можеме да сметаме на него на подолги стази. Што се однесува до подготовките тие ќе стартуваат на 21 декември. Имаме закажан турнир во Романија на 28 и 29 декември, во еден систем на Ф4. На овој турнир исто така би сакал да одам со поширок список, поради обврски во клубовите нема да ги имаме сите репрезентативци. Ќе имаме проблем и со играчите со поголема минутажа, па затоа би ја искористил оваа недела за рекуперација“-изјави селекторот Брестовац.

Тој исто така напомена дека оние најискусните репрезентативци подготовките ќе ги започнат на 2.јануари, а меѓу нив спаѓаат Стоилов, Манасков, Лазаров и Ристовски.