Македонската машка репрезентација за играчи до 19 години првата фаза од Мундијалот ја заврши со две победи и три порази и со ова обезбеди пласман во осминафиналето.

Селекторот Данило Брестовац е уверен дека неговите избраниците можат да изборат пласман во четвртфиналето но за тоа ќе треба добро да се испотат.

„Мислам дека притисокот од воведните натпревари веќе го немаме. Најважно е за нас што влеговме во осминафиналето и ќе играме против добар противник. Мислам дека можеме да играме против Португалија и со добар натпревар можеме да се надеваме на пласман во следната фаза.“ – изјави Брестовац.

.Што се однесува до досегашниот настап на овој Мундијај за играчи до 19 години, Брестовац не е задоволен од играта и од резултатите но посочува дека вистинските натпревари на СП допрва доаѓаат.

„Играме лош турнир, не сум задоволен од тоа како игравме против Аргентина. Од сите натпревари кои ги одигравме, единствено впечаток ми остави дуелот со Данска.  Сите против Данска беа мотивирани но на останатите натпревари ни недостигаше тој сегмент во играта, ни недостасува мотивација но и поголема креативност и агресивност. На Јапонците не можевме да им парираме на нивната брзина.“ – додава Брестовац.

Македонија дуелот со Португалија од осминафиналето на СП ќе го игра во среда во „Борис Трајковски“ од 20:45 часот.