Битола години наназад важи како најракометен град не само во Македонија, можеби и на Балканот, а тоа се потврдува и овие денови во кои Еурофрам Работник за неполна седмица ќе го дочека Нексе Нашице во рамки на реванш мечот од осминафиналето во СЕХА Лигата.

 

Ракометарите на Жељко Бабиќ имаат задача да ја анулираат негативата од три гола во Нашице, а тоа секако е остварливо, откако најверните навивачи „Чкембарите“ најавија мобилизација во пресрет на овој исклучително важен меч.

„По преземањето на акциите на РК.Пелистер од Еурофарм, влеговме во нова ера од постоењето на нашиот клуб. Благодарение на претходните ракометни успешни вложувања на Еурофарм се укажува шанса нашиот Пелистер да игра 1/8 финале во СЕХА лигата. Целата купопродажба можеби е задоцнета за една полусезона, но што е тука е. Вртиме нов лист во нашата историја и се насочуваме кон остварувања на нови успеси. Сега се наоѓаме на чекор од пласман во 1/4 финале и дуел со Вардар. Со само -3 гола негатива започнуваме втор дел од битката со Нексе. Низ историјата сме имале големи натпревари каде сме анулирале поголема негатива и затоа среда на 12ти сме сите потребни в сала. За после во 1/4 финале Балканот да слушнe за ерупцијата во битолскиот вулкан. За Чкембари влезот е 100 денари, картите ќе се продаваат од 19:30ч до 20:00ч пред светлечкото пано на Чкембари кај бутките. Напомена, влезниците од Чкембари се само за чкембарскиот коп. Дрес-код за овој натпревар е СИТЕ ВО ЗЕЛЕНО!!!“- се вели во соопштението на битолските навивачи.

Дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Нексе Нашице се игра в среда со почеток од 20:15 часот, а подобриот од овој дуел ќе се соочи во четвфртиналето со бранителот на титулата Вардар.