Актуелниот светски и олимписки ракометен шампион Данска се револтирани од ограничувањата поради ситуацијата во Јапонија со коронавирусот по нивното пристигнување. Селекторот Николај Јакобсен вели дека дури не гледа смисла во одржувањето на Летните олимписки игри под вакви услови.

До заминувањето во Олимпиското село, Данците се сместени во многу луксузен хотел на брегот на Окинава, но не им е дозволено да ја користат ниту плажата, ниту базени во хотелот. Играчите и стручниот штаб практично не смеат да ги напуштаат хотелските соби.

„Морам да кажам дека не гледам смисла во одржувањето на Игрите под вакви услови. Јас не разбирам. Имам впечаток дека сето ова е направено само за луѓе надвор од спортот, а на штета на спортистите за кои треба да постојат Олимписките игри“- рече данскиот селектор Јакобсен.

Данската федерација некако успеа да преговара играчите да имаат најмалку еден час на ден за да го користат базенот и само тогаш можат да излезат од собите.

„Ми рекоа и верував дека условите ќе бидат неизмерно подобри од оние со кои се соочуваме во Окинава. Да знаевме дека ќе биде вака, ќе заминевме веднаш на тренинг кампот во Токио, каде барем знаеме дека движењето е строго ограничено и дека се следи со GPS (глобален систем за позиционирање)“- додава лутиот Јакобсен.

Првиот натпревар на олимпискиот турнир Данска ќе го игра на 24 јули против домаќинот Јапонија. Покрај нив, во групата „Б“ се и Шведска, Египет, Португалија и Бахреин.