Еден од најдобрите играчи на оваа шампионска генерација на Вардар, Тимур Дибиров, во опсежно интервју за „Balkan-Handball“ говори за ситуацијата во клубот, за сопственикот Сергеј Самсоненко.

Дибиров не може да поверува дека и покрај сите успеси на Вардар, се дозволува овој клуб да биде пред исчезнување.

„Имаме проблем да одработиме тренинг како треба. Си заминаа многу играчи, понекогаш не можеме да работиме ни два на два, не нема доволно на тренинг, кога би виделе навивачите на што ни изгледаат тренинзите, се ќе им биде јасно“ – изјави Дибиров за „Balkan-Handball“.

Вардар има многу проблеми, екипата се распаѓа, ветувања имало многу, реализација никаква, Дибиров не може да поверува дека клубот е оставен на милост и немилост.

„Никој не веруваше дека ќе дојдеме во оваа ситуација, особено по освојувањето на Лигата на шампионите по втор пат. Имаше многу ветувања, дека Вардар ќе опстане, не од луѓето во клубот, од моќни луѓе во државата, ветија, но тоа не го остварија“ – вели Дибиров.

Сергеј Самсоненко едноставно нема повеќе финансии, Русинот тоа им го соопштил на играчите.

„Тој вложуваше седум години во клубот, сега едноставно не може, искрено ни го кажа тоа. На Самсоненко и на нас ни беше ветена помош, сега тој мора да исполнува туѓи ветувања. Самсоненко ни вети дека до крајот на сезоната ќе ги исплати сите долгови – објасни  Дибиров.

Дибиров не знае што ќе биде со него во Вардар, тешко е да се остане во клуб кој не се знае како ќе опстојува.

„Тешко е да се зборува за останување во Вардар. Никој не знае од нас дали клубот ке постои. Разлгедуваме опции, понуди…Ситуацијата не е каква што ние сакаме да биде, туку каква што мора да биде во моментов. Докажавме дека парите не играат, огромната желба и нашиот однос кон клубот донесоа резултати. Го сакаме клубот, ја сакаме Македонија“ – изјави Дибиров.