Кристијан Дисингер успеа брзо да се опорави по повредата против Мотор Запорожје и ќе му биде на располагање на Вардар за деби мечот во ЛШ против Монпелје.

Германскиот ас поради повреда на зглобот на ногата мораше да биде заменет во раната фаза од мечот во СЕХА против Мотор, по што постоеја сериозни стравувања дека Вардар со ограничен ростер на таа позиција ќе мора да се снаоѓа во Франција, со оглед на фактот дека е повреден и Бразилецот Толедо.

Сепак, деталните прегледи по враќањето во Скопје покажале дека не станува збор за ништо посериозно, па Германецот ќе му се стави на располагање на тренерот Писонеро на тренинзите во следните денови.

Во тимот против екс-првакот на Европа ќе биде и Словенецот Скубе, кој поради полесна повреда не настапи на дуелот против Мотор на кој „црвено-црните“ го претрпеа првиот пораз во СЕХА-лигата.

Вардар и ланската сезона ја стартуваше со идентично гостување во Франција, а победата од 24-27 над Монпелје беше најава на извонредната година во која „црвено-црните“ стигнаа до втората титула европски првак.