Вистинска сензација приреди тимот на Лудвигсхафен во кој настапува нашиот Мартин Томовски. Претпоследниот тим во досегашниот тек на првенството, на свој терен, го совлада Фленсбург, со резултат 25:23 (12:12). Двете екипи одиграа израмнет натпревар, кој се реши во самиот финиш. Мартин Томовски имаше мала минутажа, но во своето време собра четири одбрани, од кои три во самата завршница. Фленсбург по овој пораз падна на третата позиција, додека Лудвигсхафен се уште е на лошата 17-та позиција.

Пораз доживеа и Вецлар, каде капитен е нашиот Филип Миркуловски. Вецлар и гостуваше на екипата на Фуксе Берлин и загуби со резултат 32:27 (16:14). Нашиот Миркуловски постигна два гола. По ова коло, Вецлар се наоѓа на деветтото место.

Пораз доживеа и Балинген, во кој настапува македонскиот репрезентативец Филип Талески. Балинген имаше невозможна мисија на гостувањето кај водечкиот Кил и загуби со резултат 36:26 (19:10). Талески средбата ја заврши со два постигнати гола. Моментално Балинген се наоѓа на 13-тото место.

Во останатите две средби, Хановер го совлада тимот на Ерланген (29:25), додека Р.Н.Левен немаше проблем со Нордхорн (32:28).