Ракометарите на Еурофарм Пелистер попладнево од 18:45 ќе истрчаат против Магдебург во ренвашот од осминафиналето од Европската лига со желба за надигрување и амбиција да го подобрат впечатокот по оној пораз во Битола од 32:24.

Дуелот во Германија за битолчани доаѓа во лош период особено по поразот од Вардар 1961 од 35:27 во домашното првенство.

Без својот прв тренер, Жељко Бабиќ кој поради Ковид-19 остана во Битола, „пелистерци“ се пред невозможна мисија за пласман во четвртфиналето.

Магдебург е екипа за која не треба да се трошат зборови. Покажаа дека се една многу квалитетна екипа. И ние сезонава покажавме дека можеме секому да парираме. На последните два натпревари малку паднавме, но верувам дека во Магдебург ќе го покажеме вистинското лице. Без разлика на заостанувањето од Битола, нема да се предадеме. Се подготвуваме и сигурно ќе бидеме незгоден противник за нив“ – изјави ракометарот на Еурофарм Пелистер ,Елмир Граџан.

Дополнителен проблем за македонскиот прволигаш е отсуството на Вегар, Стјепановиќ и на Кушан.