Ракометарите на Еурофарм Пелистер во рамките од петтото коло на група Д на Лига Европа ќе му гостуваат на Тримо Требње од Словенија.

Домаќинот се одлучи натпреварот да го игра во однапред пријавениот алтернативен терен, спортската сала „Тиволи“ во Љубљана.

Иако првично најавија дека ќе играат во Требње, во многу помала сала, ракометарите на Урош Зорман сепак ќе ги пречекаат пелистерци во легендарната сала во главниот град на Словенија.

Големата сала „Тиволи“ собира 7.000 гледачи, но за натпреварот против Еурофарм Пелистер ќе биде празна заради пандемијата од Ковид-19.

Тримо Требње одигра само еден натпревар во групата и изненадувачки во Унгарија го совлада тимот на Татабања. Еурофарм Пелистер запиша едно реми и двапати загуби во три одиграни натпревари.

Натпреварот Тримо Требње – Еурофарм Пелистер се игра на први декември од 20:45 часот, а една недела подоцна истите ривали ќе се сретнат во Битола. Битолчани за Словенија ќе патуваат со авионски лет в понеделник наутро.