Екипата на Еурофарм Работник денес го пречекува тимот на Савехоф во рамки на натпреварот од Лигата на шампионите.

Поради повредите во тимот на Стевче Алушовски, фаворитската улога ја имаат гостите, но сепак не се исклучува можноста Еурофарм Работник да ја прекине серијата на неуспеси и да се израдува на вториот триумф.

Алушовски вели дека Савехоф е незгоден противник кој доаѓа од ракометна Шведска, но се подготвени да му се спротивстават.

„Савехоф ни е еден од должниците оваа сезона во Лигата на шампионите. Да бевме комплетни ќе бевме големи фаворити, но ние подолг период мака мачиме со повредени ракометари. Не можеме да реализираме добар тренажен процес и подготовка за дуелите после Веспрем. Имаме негативна серија, но спремни сме за Савехоф. Добро го анализиравме ривалот, верувам дека дел од повредените ракометари ќе ни помогнат да ја извојуваме втората победа во Лигата на шампионите. Савехоф е незгоден противник, доаѓа од ракометна земја, млада екипа е што сака многу да трча. Иако сме кратки во ростерот, на маката се познаваат јунаците и верувам во втора победа во Лигата на шампионите.“ – вели Алушовски.

Голманот Никола Митревски вели дека се забележува дефицитот во одбраната, но нема да се предадат и ќе го дадат свој максимум за пак да ја израдуваат битолската публика.

Натпреварот Еурофарм Работник – Савехоф се игра денес од 17:00 часот.