По триумфот над дебитантот Пекинг СУ од 37-23 во првото коло на СЕХА Газпром лигата ракометарите на Вардар рано изутринава отпатуваа за Украина каде во сабота треба да го играат мечот против Мотор Запорожје. „Црвено-црните ” ќе „врзат” две средби со дебитантите во ова регионално натпреварување, но со Мотор исто така ќе треба да се сретнеме и во ЕХФ лигата на шампионите.

Ова ќе биде прв меѓусебен дуел на Вардар и Мотор во европските купови. Мотор Запорожје е шесткратен првак на Украина и петпати го освојувал Купот. Сезонава се засилија со денер Јаанима, поранешен играч на Кил, а во тимот настапува и еден поранешен вардарец, Стефан Вујовиќ.
Во првото коло Мотор освои три бода во гости победувајќи го Татран со 25-24 со погодок во последните секуни.

За Украина отпатуваа 15 ракометари , но во тимот ќе ги нема Стојанче Стоилов, Жозе де Толедо, Калифа Гедбан и Сташ Скубе. Словенечкиот интернационалец се повреди на еден од последните тренинзи и клубот реши да го одмори за она што следува потоа, дуелот со Монпелје.