Вардарци во среда во „Јане Сандански“ ќе го одржат првиот собир со кој ќе започне и подготовката за новата сезона и пред се за настапот на Супер Глоуб турнирот во Саудиска Арабија.

На првата прозивка на Давид Писонеро треба да се јават и новите засилувања на РК Вардар: Димитар Димитриоски, Павел Атман, Хозе Гиљермо Толедо, Сергеј Горпишин, Артурс Кугис и Домен Сикошек Пелко.

„Според направениот план од 24 јули до 2 август ќе се тренира во Скопје каде ќе бидат завршени и сите потребни лекарски прегледи на играчите. Ќе се работи на подобрување на физичката подготвеност на играчите. На 2 август се заминува за Требиње, БиХ каде ќе продолжат со подготовки и ќе настапат на турнир на кој ќе играат и: Борац Бања Лука, Леотар, Металопластика, Бутан изола и Извиѓач. Тој турнир ќе се игра во период од 9 до 11 август.“ – соопштија од РК Вардар.

По учеството на турнирот во БиХ црвено-црните ќе се вратат во Скопје по што заминуваат за Саудиска Арабија за Супер Глоуб.