Ракометарите на Еурофарм Пелистер доживеаа пораз во првиот меч , од четвртфиналето против Мешков Брест од Белорусија со 27-31.

Екипата на Мешков Брест беше подобар противник уште од самиот старт на натпреварот , и освен 1-1 во 2 минута , во текот на целиот меч константно ја имаше предноста ,и го контролираше мечот во целиот тек.

До крајот на полувремето, белорускиот шампион преку Шумак стигна до плус пет, 8-13, но Божиќ Павлетиќ се погрижи да ја намали негативата на пауза, 9-13. Грижите на битолчани покрај заостатокот ги зголеми и вториот црвен картон на Никола Маркоски по стартот на Јака Малус.

Во вториот дел битолчани немаа поддршка од голманите, нападите станаа безидејни, па гостите лесно ги казнуваа сите грешки. Набрзина се одлепија на седум гола разлика, 14-21.

Во продолжение на натпреварот немаше многу возбудувања, битолчани се обидуваа да намалат дел од негативата, во последните две минути стигнаа до минус четири, 26-30, а точка на мечот стави Ојлески со голот за 27-31.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Кашпарек со осум и Вајлупов со шест гола, додека голманот Мацкевич собра девет одбрани. Во составот на битолчани се истакнаа Мандалиниќ со девет и Периќ со шест погодоци.

Реваншот меѓу Мешков Брест и Еурофарм Пелистер ќе се одигра во Брест на 29 август со почеток во 16:00 часот.