Македонскиот суперлигаш Металург ги привршува подготовките во Стара Пазова.

Во рамките на тие подготовки, тимот од Автокоманда денеска гостуваше во Нашице, каде се сретна со екипата на Нексе.

Металург одигра добро прво полувреме во кое имаше мала, но постојана предност и дури во самиот финиш дозволи домашниот состав да го преземе водството и со минимална предност да замине на одмор.

Во второто полувреме тренерот Кастратовиќ им даде можност и на ракометарите кои обично имаат мала минутажа, па тоа се одрази на конечниот резултат. Сепак, како што велат од клубот, резултатот на овој натпревар бил во втор план.

Металург в сабота се враќа во Скопје, каде ќе ги продолжи подготовките се до 1 март, кога почнува вториот дел од сезоната.

РК Нексе – РК Металург  32:28 (13:12)