Еурофарм Пелистер одигра уште еден драматичен меч во ракометната Лига на Европа во кој на крајот повторно остана без победа, откако вечерва во второто коло на домашен терен во Битола испушти предност од плус шест голови за конечни 25-25 против Кадетен Шафхаузен.

По стартниот несреќен пораз во Данска против Гудме (30-29),  ракометарите на Еурофарм Пелистер приредија уште една драматична завршница, иако првите 30 минути воопшто не навестуваа такво сценарио.

Битолчани го имаа водствто во свои раце уште од самиот почеток и на средината на првото полвреме се „одлепија“ на плус четири (9-5) за со нова серија во последните десет минути да заминат на одмор со убедливи 16-10.

Еурофарм Пелистер ја одржуваше убедливата разлика во воведните минути од вториот дел, по што уследи голем пад во играта и Шафхаузен од минус пет (19-14) стигна до „егал“ 22-22 и прво водство 23-22 на шест минути пред крајот на мечот.

Еурофарм Пелистер со два брзи гола го врати водството на 24-23 и имаше гол предност од 25-24 во завршната минута, но Шафхаузен го реализира последниот напад за конечни 25-25.