Во рамките на 25. коло на ракометната Бундеслига денеска се одиграа неколку средби со учество на наши интернационалци.

Жарко Пешевски вторпат едноподруго игра одличен натпревар во кој неговиот Штутгарт славеше на домашната средба против Гепинген. Пешевски имаше максимален учинок од 4 голови од исто толку обиди.

Ова е веќе седма победа на Штутгарт, кој постепено избега од опасната зона за испаѓање,

Штутгарт – Гепинген  29:26 (14:11)

За разлика од Пешевски, неговиот некогашен соиграч од Металург, Филип Миркуловски, со својот Вецлар имаше тешко гостување кај второпласираниот тим на Фленсбург, кој грчевито се бори да не заостане зад Кил во трката по шампионската титула.

Фленсбург не дозволи изненадување и го порази Вецлар. Миркуловски на оваа средба остана без постигнат гол.Вецлар се уште има повеќе победи (11) од порази (10) и е сигурен на осмото место на табелата, но и далеку од европските купови.

Фленсбург – Вецлар  31:28 (16:9)

Нашиот голман Мартин Томовски имаше мала минутажа и само една одбрана во дресот на Лудвигсхафен, кој одигра нерешено со екипата на Мелсунген. Лудвигсхафен е во очајничка борба за опстанок и засега е во зоната за испаѓање, со само 5 победи и дури 16 порази.

Лудвигсхафен – Мелсунген  25:25 (14:14)