Европскиот и македонски ракометен првак Вардар денеска го имаше првиот собир пред стартот на новата сезона во која ќе тргнат во одбрана на титулите во домашното првенство, СЕХА-лигата и Лигата на шампионите.

Со нов тренер, Шпанецот Давид Писонеро и шест нови играчи Хозе Толедо, Сергеј Горпишин, Артурс Кугис, Димитар Димитриоски, Домен Сикошек Пелко и Павел Атман Вардар ќе се обиде да направи успех како минатата година.

Според планот од 24 јули до 2 август ќе се тренира во Скопје каде ќе бидат завршени и сите потребни лекарски прегледи на играчите. На 2 август се заминува за Требиње, БиХ каде ќе продолжат со подготовки и ќе настапат на турнир на кој ќе играат Борац Бања Лука, Леотар, Металопластика, Изола и Извиѓач.

По враќањето од БиХ ќе се работи во Скопје се до заминување за Саудиска Арабија на Супер Глоуб каде европскиот шампион Вардар ќе настапи во периодот од 27 до 31 август. На Супер Глоуб покрај Вардар ќе играат и Ал Вехда (С.Арабија), Барселона (актуелен првак), Заламек (Египет), Сиднеј (Австралија), Таубате (Бразил), Њу Јорк (САД), Ал Мудхар (С.Арабија), Кил (Германија).

Потоа следува официјалниот почетокот на СЕХА лигата и на групната фаза од ЕХФ Лигата на шампиони.

ФОТО РК ВАРДАР

 

ФОТО:РК ВАРДАР