Македонската ракометна репрезентација очекува победа и в недела против Швајцарија во последниот меч од квалификациите, иако е веќе пласирана на претстојното ЕП.

Селекторот и капитенот на македонската селекција, Кире Лазаров, посочи дека очекува победа в недела, а истовремено потврди дека Манасков нема да биде во ростерот на тимот поради повредата. Велковски е под знак прашалник, но се очекува да биде од помош на последниот меч од квалификациите.

Лазаров потенцира дека противникот е екстра квалитетен и дека овој тим на последниот Мундијал им создал проблеми на повеќе селекции.

„Тоа не е истата репрезентација која ја победивме лани пред Мундијалот, имаат многу промени во состав, стратегиски и тактички“, истакна Лазаров.

 

Повратникот во репрезентацијата и еден од помошниците на селекторот, Лазаров, Филип Миркуловски, пред дуелот со Швајцарија вели дека со 23 играчи во ростерот можеме да очекуваме две последователни добри игри во квалификациите, иако вели селекцијата на Швајцарија е тежок противник во секој случај.

„Ќе биде тешко, Швајцарците ќе го дадат максимумот да одат на ЕП, но ние сме доволно подготвени да одговориме со победа“, истакна Миркуловски.

Македонската селекција денес го одработи тренингот, а мечот со Швајцарија е закажан за в недела во 18 часот.