Капитенот на РК „Вардар“ и ракометниот репрезентативец Стојанче Стоилов заминува дома по хируршката интервенција на носот во „Аџибадем Систина“, објави болницата на својот сајт.

 

Според одговорните од „Аџибадем Систина“, станува збор за рутинска операција на искривување на носната преграда, која ја изведе д-р Александар Лазаревски, оториноларинголог.

„Операцијата беше неопходна кај Стоилов поради проблемите со дишењето на нос, имаше искривена носна преграда од десната страна која комплетно го затнуваше десниот носен ходник. Оваа состојба му правеше проблем бидејќи е професионален спортист, му го нарушуваше дишењето на нос, а тоа влијае и на физичката кондиција. Операцијата помина во најдобар ред, за 10 дена го очекувам на контрола. По интервенцијата, Стоилов ќе има многу полесно дишење на нос и, што е најважно, многу повеќе физичка кондиција“ – вели д-р Лазаревски.

ФОТО: АЏИБАДЕМ СИСТИНА