Хрватскиот репрезентативец и довчерашен член на РК Вардар, Игор Карачиќ во интервју за рускиот сајт „Бистриј Центр“ (брз центар), ја објасни ситуацијата во која се наоѓал РК Вардар во минатата сезона. Најави евентуално враќање во Скопје и ја објасни неговата одлука да го напушти вардаровото семејство.

„Ја сакам Македонија, главниот град и Вардар. Тоа е мојот втор дом. Тажен сум што заминав но можеби ќе се вратам назад откако ќе ми истече тригодишниот договор со Кјелце. Македонците се кул луѓе, силни и паметни и ќе биде одлично ако ја завршам кариерата во Скопје“. – вели Карачиќ.

Најавите на вардарцеот Скубе дека тој и соиграчите добиле плати пред заминувањето во Келн ги демантира Карачиќ.

„Сеуште чекаме. Тие ветија дека се ќе биде подмирено до 1 септември. Јас му верувам на Самсоненко, тој е одличен лидер. Финансиските проблеми во кои е клубот се сериозни.“

„Дваесет и еден месев немаме земено плата. Тешко беше на почетокот од минатата сезона кога се собравме. Од Вардар ни рекоа, кој сака може да си замине. Но ние решивме да останеме и да се обидеме да ја освоиме Лигата на шампионите и се останато е историја.“ – тврди Карачиќ.

Карачиќ потврди дека имал неколку понуди пред да ја прифати таа од Кјелце.

ФОТО: РК Вардар