Вардар утре го игра последниот меч од групната фаза во Лигата на шампионите. Со евентуална победа над Мешков Брест, Вардар може да скокне од седмата и да заврши на петтата позиција, што би донело полесен противник во нокаут фазата од ракометната Лига на шампиони.

Вардарци најмногу ќе треба да внимаат на својот поранешен играч, Сташ Скубе, а тоа го потврдува и Мартин Карапалевски, ракометарот на црвено- црните.

„Мораме добро да одиграме. Треба добро да се внимава на Скубе, тој е нивниот мотор. Се оди преку него. Ако него го сопреме ќе биде полесно. Тој не знае нас, ние го знаеме него. Секој меч сезонава во Лигата на шампионите е различен, но подеднакво тежок. Ние играме добро, барем на последните натпревари во ЛШ, иако немавме многу среќата на некои од последните, или пак во последните моменти грешевме. Секако проблем е што во последно време не сме комплетни, па тоа малку ги пореметува нашите планови. Но, како оди сезоната се повеќе се воигруваме“- смета Карапалевски.

Средбата меѓу Вардар1961 и Мешков се игра утре од 18,45 во СЦ „Јане Сандански“.