Во 17. коло на најсилната француска лига, екипите на Нант и на ПСЖ ги поделија бодовите. Резултатот од средбата е 29:29 (16:15).

Екипата на Нант многу подобро ја почна средбата и во текот на целото прво полувреме одржуваше предност од 4 гола, но таа предност ја испушти на самиот крај, па на одмор екипите заминаа при резултат 16.15 за тимот на Кире Лазаров.

Во вториот дел се водеше голема борба за секој гол, а Нант беше тимот кој најчесто имаше минимално водство. И во ова полувреме се случи драматична завршница, во која ПСЖ изби во водство во последната минута. Се што успеа да направи домашниот тим е да го израмни резултатот, иако на неколку секунди до крајот имаа зицер за победа, кој го одбрани голманот Коралес.

Кире Лазаров на овој натпревар не го служеше шутот и тој постигна само два гола од дури 8 обиди.

По овој натпревар бодовната разлика меѓу двата првопласирани тима остана иста и изнесува 6 бода, што сега изгледаат недостижни.

Кај Нант се истакнаа Њокас и Турнат, со по 6 дадени голови, додека кај ПСЖ Сагосен постигна дури 11 гола.