Во новата сезона во домашната Прва ракометна лига, натпреварување еден ранг подоле од Суперлигата ќе учествува новоформираниот клуб КЛ7 чиј сопственик и спонзор е Кирил Лазаров.

Нашиот репрезентативен капитен одлучи дека е време проектот со ракометните школи ширум земјава да прерасне во ракометен клуб кој од година во година ќе го подигнува квалитетот со помош на домашни млади играчи. Андон Бошковски ќе биде прв тренер на КЛ7 а според договореното ќе го води овој новоформиран клуб во следните две сезони. КЛ7 ќе биде стациониран во Скопје.

Подготовките за деби настапот на новиот клуб на Кирил Лазаров ќе започнат на 7 август а главната фаза ќе биде одработена во Маврово.

Сеуште не е потврдено во која сала ќе игра но големи се шансите салата „Расадник“ во Кисела Вода да биде дом на КЛ7. Преговорите за реновирање со помош на општината течат и наскоро се очекува да има конкретен договор.